Солени пржени тортички со урда
На англиски се викаат рикота фритерс. Преводов може е малку смешен, ама па и друг не знаев да смислам. Како и да е, ова се едни превкусни тортички од урда. За врската помеѓу мене и пржениците веќе знаете, така што, еве сум јас со уште еден рецепт за прженици. Јас ги правев за ручек, заедно со шопска салата и топло лепче.
Прво, урдата ставете ја во длабок сад. Ако користите солена, внимавајте во посолувањето подоцна. Јас користев несолена, па смесата сама си ја солев. Во урдата ставете ги магдоносот, јајцето, пармезанот, малку сол и бибер и брашното. Смесата за овие тортичиња треба да биде густа и хомогена, но да не биде доминантно присуството на брашно. Посебно, изматете ја белката цврсто и додадете ја во смесата со урда. Внимателно мешајте.
Од смесата формирајте тортички и лесно извалкајте ги во малку брашно. Пржете ги на тавче за пржење со малку зејтин, додека да поруменат.
Лиценца: Сите права се задржани