Синот е голем љубител на италијанската кујна. Таман му се погоди на матурска екскурзија да одат во Италија. Од таму дојде со желба да му направам сицилијанска пица. Сицилијанската пица се разликува од наполитанската (чии варијации најчесто се јадат кај нас) во тоа што тестото е подебело, што се прави во квадратна форма и што првин се става моцарелата а врз неа сосот од пелати. Истражувајќи за подготовката на оваа пица, разгледав повеќе рецепти и од сите тие направивме една комбинација, која што синот ја оцени како многу блиска на таа што ја јадел во Италија.
Тестото го подготвувам во Delimano Joy Aпаратот за леб. Бидејќи јас најчесто ја подготвувам пицата со р’жано брашно, ставам 300 мл вода. Ако ја правам со црно брашно, тогаш ставам околу 270-280 мл вода, толку би дошло и со бело брашно.

1. Готовото тесто го мачкам со малку масло, го ставам во кеса и го оставам околу 2-3 часа да отстои во фрижидер. По вадењето од фрижидер тестото го ставам во плехот од рерна, покриен со хартија за печење. Малку го развивам, па го оставам околу 15 мин да се прилагоди на собната температура. Потоа со прсти обликувам правоаголник, голем речиси колку целиот плех. Го покривам плехот со проѕирна фолија, да не се исуши тестото. Тестото треба да постои уште 2-3 часа на собна температура.
После поминатите 2-3 часа ја вадиме фолијата и со прсти го притискаме тестото да излезе воздухот од него, со тоа што делот што треба да биде корка не го пипкаме. Вака тестото го оставаме 10-15 минути.
2. Потоа се реди моцарелата, а врз неа сосот од пелати. Во оригиналниот рецепт најодозгора се става свеж босилек и тоа некои го ставаат во печењето а некои после печењето, ама ние сме си верни на ориганото. Најчесто 2/3 од пицата се само за синот и се само со моцарела и пелат, а само една третина е за нас и таму смееме да ставиме печурки и шунка.
3. Пицата се пече во загреана рерна, на највисоката температура, на најдолната решетка околу 15 минути, битно е корката убаво да се испече. Потоа корката ја поминувам со четче со масло.
Пицата се сече на коцки.
Пријатно!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови