Роденденска касато торта
Популарната Касато Торта во моја изведба, овојпат со убав двоен повод - за среќен роденден на мојот сопруг (01.09), а и за среќен почеток на моите две ученичиња. Рецептот за оваа добро позната торта верувам дека многумина го имаат, но сепак има разлика во состојките (во некој рецепт се става пудинг, во друг јајца, суви смокви, урми, крем бананчиња и сл...). Ова е мојот начин на подготовка на овој десерт без печење, и кој не одзема многу време за неговата припрема.
Подготовка
1. Во касерола на тивок оган ги ставаме млекото, путерот и чоколадото. Нека се растопат состојките и тргаме настрана. Нека олади, не потполно, да биде млако.
2. Сега ги припремаме останатите состојки. Бисквитите ги кршиме на 4 дела и ги ставаме во длабок сад.
3. Во друг длабок сад ги ставаме останатите состојки (желе бонбони, ореви, брусница) промешуваме. Млаката течност ја истураме врз искршените бисквити, промешуваме добро со лажица. Нека отстои оваа смеса 5 минути, со повремено внимателно промешување. Сега ги додаваме останатите состојки, добро соединуваме.
4. Оваа смеса ја префрламе во соодветен сад обложен со стреч фолија, убаво рамниме и притискаме со лажицата да се натапка добро смесата. Затвораме со стреч фолијата и садот го оставаме неколку часа (или одвечер) во фрижидер.
5. Потоа тортата ја префрламе врз решетка, ја тргаме стреч фолијата и рамномерно ја истураме чоколадната глазура, која се припрема со топење на умерена температура на чоколадото заедно со слатката павлака. Јас декорирав плус со ореви. Нека се стегне глазурата во фрижидер, па сечеме парчиња и уживаме во вкусот на оваа неодоливо вкусна торта во добро друштво.
Забелешка - Јас се одлучив за брусница, но наместо брусница може да ставите суво грозје, претходно потопено во рум.
- Јас користев млечно чоколадо кај делот со млеко и путер, и не додадов воопшто шеќер, но доколку користите чоколадо за готвење, може ако сакате да додадете 4 г.л. шеќер (или по вкус). Може да декорирате како мене (со ганаж) или со шлаг крем.
Садот кој го користев е со димензии 20х10цм.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Фала.