Пуслици (кајмаци, целуфки) на Швајцарски начин.
Постојат 3 начини за изработка на овие кајмаци
- Француските (или класичните) се најпознати и се прават на класичен начин, односно додека се миксираат белките, шеќерот се додава постепено до згуснување.
- Италијанските кајмаци се прават со шеќерен сируп (шеќер и малку вода) кој се загрева на температура од 116-122 степени, кој го додаваме постепено кај белките и миксираме до добивање на цврста, сјајна структура.
- Швајцарските пуслици се прават со метода која ја осигурува пастеризацијата на белките, на следниот начин -
1. Во сад ги ставаме белките и шеќерот (соодносот секогаш е 1 спрема 2), односно на пример ако имаме 100 гр белки, ставаме 200 гр шеќер. Мешаме со рачна маталка до соединување. Сега садот го ставаме врз друг сад со вода, внимавајќи водата да не допира до садот со белките, и на умерена температура мешаме со рачната маталка, се додека не се растворат сите кристали од шеќерот (проверуваме на следниот начин - со палецот и показалецот зимаме малку од смесата и триејќи помеѓу прстите ќе осетиме дали има нерастворени зрнца шеќер). Во тој момент го тргаме настрана садот да олади 5 минути, па смесата ја префрламе во садот за миксирање. Миксираме околу 10на минути на најјаката брзина, до згуснување. По желба додаваме боја.
2. Формираните кајмаци (врз хартија за печење) ги печеме во загреана рерна на 100 степени 1 час, па потоа ги оставаме внатре до потполно изладување.
*Забелешка - За успешност битно е садот во кој ќе миксирате да е потполно чист, пребришан со оцет, и да биде сув. Овие целуфки во внатрешноста се суви, за разлика од класичните.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Јас од дете си ги знам како кајмаци, инаку сум од Велес...е сега искрено не знам дали така ги знам од моите родители или можеби Велешани ги викаат така, ете досега тоа не сум се распрашала :)