Ова е изворно германски рецепт кој го најдов на интернет пред некое време и неколку пати го правев, додека не ја добив идеалната верзија за мене. Мојов рецепт се разликува од оригиналниот по тоа што воопшто не содржи шеќер и има многу помалку брашно за да се добие убав, воздушест меден колач.

Јаболката се лупат, се сечат на половинки и се чистат од семките. Потоа се сечат на парчиња во должина, без да се засекува до крај. Се полеваат со сокот од лимон и малку шеќер (не мора) и се подготвува тестото.

Путерот и ванилиниот шеќер се матат со миксер да се добие пенеста структура. Се додава медот (може и помалку од половина шолја, зависи колку е благ) и се мати. Потоа се додаваат жолчките од јајцата (постојано се мати), па солта и прашокот за пециво. Откако убаво ќе се измеша се додава и брашното во два дела, да се добие убава хомогена смеса. Сето ова се прави со миксер.

Во посебен сад се матат белките од јајцата да се добие цврст снег. Дел по дел се додава во садот со тестото, и се меша со шпатула да се изедначи смесата.

Калап за торта со обрач се обложува со хартија за печење. Смесата се истура на хартијата и убаво се размачкува. Половинките од јаболка се распоредуваат одозгора без да се притискаат во смесата и се попрскуваат со цимет.

Се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути.

Кога е готов, уште топол се премачкува одозгора со мед.

Колку повеќе стои, толку е повкусен.

Веројатно може да се приготви и со било кое друго овошје, не сум пробала, пред се затоа што имаме многу јаболка, па мора да им се најде чарето.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови