Полнето печено пиле со кромид и пиво
Превкусно диетално јадење. Пилешко не сакам баш најнај, ама ова беше највкусното до сега. Со Шеќерко заедно го правевме и не ја утнавме.
Имавме млади пилиња, секое по 300-400 грама, но вие можете да користите и поголемо пиле, кокошка. Сочно ќе биде и така. Кромидот личи како многу, ама не е. Нека не ве мрзи да го лупите и сецкате, бидејки кога ќе дојде на ред да го јадете, пак ќе ви биде малку.
Кромидот сецкајте го на четвртинки, компирите излупете ги и исецкајте ги на парчиња по желба, морковите на кругчиња, ставете ги во тавчето во кое ќе се готват и убаво измешајте ги.
Додадете сол и бибер по вкус.
Со дел од кромидот (и морковите) наполнете ги пилињата и ставете ги врз кромидот и компирите.
Сипете го пивото и печете во загреана рерна на 200 степени, час и половина или два, по потреба.
Ние печевме во пекач, налик на Овалната тава на Делимано. Првите 45мин, покриено, потоа ќе процените сами дали треба да го откриете да почне да се запекува или ќе го крчкате уште малку затворено, да омекне месото.
Секои 20 или 30 мин, прелевајте го пилето со течноста. Ние за да не заборавиме го местевме тајмерот на рерната да ни ѕвони.
Кромидот убаво ќе се испече, компирите ќе бидат меки, а месото ќе се двои од коската и ќе има феноменален шмек од пивото и полнењето со кромид (и морков).
Ние немавме моркови, но дефинитвно тоа беше вкус што недостасуваше во јадењето. Го допишав во сосотојки и во начинот на подготовка..
Пријатно јадење и не се плашете, вагата ќе ве сака после ова, нема дополнителни маснотии, масла, путери, комплет диетално....вагата ќе ве сака =))
Лиценца: Сите права се задржани