Мини гамби полнети со изварка
Нешто највкусно од редот на зимници – полнети гамбички со изварка. Иако посакував да не се лути, никаде на пазарот не најдов нелути гамби, но со отстранување на семките, потопувањето во киселина и краткото пастеризирање, лутината скоро и да ја нема, останаа само малку пикантно лути, за шмек што би се рекло.
Оваа зимница ја правев со многу мерак и секоја година правам нешто ново. Со ајварите и малиџаната одамна се збогував, повеќе ми прават ќеф пиперки во друга форма.
Подготовката е едноставна, но бидејќи гамбите се ситни, во тој дел се деликатни и пипави. Чистењето на 1 кг гамби ми одзеде 1 час, а исто толку време и одзеде и полнењето.
Од оваа количина наполнав 2 големи тегли и едно малечко.
Подготовка
Прво подгответе го солилото и сварете ги водата, оцетот, солта и шеќерот и оставете да се излади.
Гамбите се мијат и се чистат убаво од дршките и семките. Јас користев обично ноже за чистење.
Откако ќе ги исчистите сите, потурете ги со оладеното солило и оставете ги 1 ден во солило.
Наредниот ден, истурете ја течноста и дозволете убаво да се исцедат од солилото.
Потоа почнете да ги полнете со мешавина од изварка и исечкан магдонос. Посолете ја изварката ако има потреба. Внимавајте при изборот на изварка да е поквалитетна и да не е водлеста. За мене доволно беше 1 кг изварка за 2 кг гамби. Полнетите гамби ставајте ги во поголем сад, а откако ќе ги наполните со изварка, една по една внимателно ставајте ги во теглите со отворот на пиперката свртен кон стаклото на теглата. Нежно притискајте ги една кон друга за да остани што помалку празен простор измеѓу.
Откако ќе ги наполните теглите, долејте масло (по можност маслиново) до врвот и убаво затворете ги.
Вака подготвените тегли треба да се пастеризираат.
Начин 1ЧСтавете ги во големо тенџере, наполнете го тенџерето со вода да ги покрие теглите и ставете ги на рингла да зоврие водата. Откако ќе зоврие, нека варат 15тина минути, исклучете и оставете ги во топлата вода додека не се олади.
Начин 2Ч Ставете ги во ладна рерна, вклучете на 100 степени, нека седат половина час. Исклучете ја рерната и нека седат додека не се олади рерната.
Начин 3Ч Јас вака направив, ги ставив во машина за миење садови на максимална температура од 90 степени. Ги ставив навечер, наредниот ден ги извадов.
После тоа, гамбите се спремни за консумирање, чувајте ги на ладно и темно место.
Напомена-маслото кое ви останува во теглите, слободно може да го користите за пржење на јајца, колбавчиња и сл. Аромата на маслото дава многу убав шмек на храната, само што малку налутнува.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови