Подготовка на кисела зелка - купус (зимница)
Лесен рецепт што сите го знаат, знаат како се прави, но кога ќе дојде време за правење, не се знае баш постапката =))
1. Зелката убаво исчистете ја од валканите (надворешните )листови. Нека останат чисти парчиња зелка.
2. Со остар нож направете вдлабнатини во стеблото (кочанот) на зелката. Погледнете ја првата дополнителна фотографија.
3. Наполнете го кочанот со сол до врв и наредете ја зелката во садот во кој што ќе ја чувате. Редењето треба да биде со долниот дел нагоре (со кочанот нагоре), како на фотографијата.
4. По секој ред зелка посипувајте сол.
5. Задтворете го садот, оставете го еден ден да одстои и следниот ден наполнете го со вода. Водата мора да ги прекрива зелките.
6. Во текот на првите две недели, на секои 2-3 дена преточувајте ја водата за да се измеша и убаво да се растопи солта.
Садот во кој што ќе ја чувате зелката може да биде со чешмиче (чопурче). Доколку имате теков сад, отворете го чопурчето и нека истече водата во друг сад. Не мора и не може да истече целата вода одеднаш. Затоа се преточува неколку пати. Водата од малиот сад повторно се враќа во бурето. Ова се прави за да се измеша убаво солта и да може полесно да се раствори. Се прави само на почетокот, потоа нема потреба.
Доколку садот во кој што ќе ја чувате зелката нема чопурче, тогаш мешањето на солта може да се направи со црево. Цревото треба да биде чисто и малку подолго од висината на самиот сад. Се става едниот дел од цревото на дното на садот. Може и малку да се свие на дното и врз него се редат зелките. Внимавајте да не го прекршите (притиснете) цревото.
Горниот дел на цревото треба да е под капакот. Големинате одредете ја сами. Не мора да е многу долго. Погледнете ја последната дополнителна фотографија.
Во овој случај водата не се преточува туку се вбризгува воздух во садот. Се дува низ цревото и на тој начин се меша солта за да се раствори. Исто како и кај преточувањето, првите две недели на секои 2-3 дена се промешува.
Зелката се става за зимница некаде во Ноември. Времето тогаш не е ни преладно, ни претопло. Треба да одстои од 20 до 40 дена, во зависност од температурите. Доколку е потопло (времето и просторијата) зелката ќе стаса побрзо.
Солта се одредува од прилика. Потребно е 5% сол на килограм зелка. Доколку сметате дека не е доволно, додадете сол. Водата треба да е бистра. Ако водата почне да се заматува тоа е знак дека нема доволно сол, па додадете сол. Веќе заматената вода нема да се избистри, но тоа воопшто не е проблем.
Во случај да ја пресолите зелката, не е страшно. Извадате ја пред да ја користите и оставете ја потопена во чиста вода да постои. Сменете ја водата и пробајте дали ви се допаѓа на сол зелката. Повторете ја постапката за одсолување додека не добиете вкус по ваша желба.
Вака приготвената и стасана зелка се користи како свежа салата, за сарма, подварок и сл.
Лиценца: Сите права се задржани
Tvojot recept da znaes ke se cita mnoguuuu... :-)
Jas veke ja napraviv prvata sarma....