Пилешко во медитерански сос
Вклучете ја рерната на функцијата вентилатор на 180 степени да се загрева.
Тавата во која ќе печете премачкајте ја со путер. Сувите домати исцедете ги и исечкајте ги на ленти. Лукот исто исечкајте го ситно. Пармезанот изрендајте го а моцарелата исечкајте ја на коцки. Босилекот исто исечкајте го. Пилешките гради исечете ги во должина на неколку парчиња, посолете ги и ставете ги да се пржат на загреан зејтин. Извадете ги и ставете ги во тавата.
Доматите ставете ги да се пржат во истиот зејтин каде се пржеше пилешкото, продинстајте ги па ставете го лукот. Кратко пропржете и ставете ја неутралната павлака. Оставете да зоврие, додадете крем сирењето и мешајте додека да се стопи. Ставете го и босилекот и овој сос налејте го врз пилешкото во тавата. Одозгора наредете ги коцките моцарела и наросете со пармезанот. Ставете да се пече 20-25мин.
Како прилог може да подготвите варен ориз или тестенини, или за оние кои сакаат да мацкаат од сосот :) , едноставно со леб.
Наместо пилешки гради можете исто да подготвите и мисиркини гради или шницли. Јас овој пат подготвив пола со пола, пилешки гради и мисиркини шницли.
На здравје!