Еве сега еден Азиски рецепт,односно го прават во Кина,Тајланд, Филипини....Јас го пробав прв пат во Дубаи и го обожавам. Е овде е прашање на вкус, кој сака да јаде слатко солен пилешки стек со вкус на портокал.
Стекот се сече на исти парчиња се посолува и се става бибер. Се внимава да не се пресоли. Се зема едно јајце и се меша со парчињата стек убаво. Во еден пластичен сад се става брашното со густинот и исто се посолува и се става бибер. Во него се ставаат парчињата стек и се затвара садот се тресе за убаво да се измеша стекот со брашното.
Во тава се загрева зејтинот на средна температура и се пржи стекот додека не добие светла кафеава боја. Се вадат пржените парчиња на хартиена салфетка за да се впие маснотијата.

Во друг сад се меша оцетот, шеќерот, водата, сокот од портокал, кечапот, прстофат сол и соја сосот.

Во друга тава се става 2 лажици од зејтинот во кој се пржеше стекот и се става изренданата кора од портокал, се пржи на средна температура едно 30 секунди да замириса на портокал. Потоа се додава сосот направен со оцетот и другите намирници, се чека да почне да врие.

2 лажици густин и 2 лажици ладна вода се мешаат и ова постепено се додава во тавата полека мешајќи да се згусне. Кога ќе се добие една средна густина се ставаат испржените парчиња стек и се промешуваат да се впие сосот во нив, не треба долго можеби 1 мин. Се вадат од тавата, а сосот што ќе остане се собира во мал сад, па кој сака може да си стави на стекот пак. И се разбира ова се служи со ориз, а кој не сака може и без него. Многу вкусно, интересно, малце необично. Портокалот му дава посебна свежина и вкус.
Азиската кујна полека ги освојува нашиве простори, имаат многу интересни и убави рецепти. Пробајте го овој рецепт нема да зажалите, се разбира само ако сакате да експериментирате со вкусовите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови