Печен крап на манастриски начин
Пред извесно време си купив преспански крап. Беше голем, 3 и пол кила. Го нарачав исечен на кременадли за полесно да можам да го употребам, така што првата тура ја испржив, а втората половина од крапот решив да ја печам бидејќи повеќе сакам печено, одошто пржено. После истражување на повеќе рецепти и слушање на повеќе мислења, решив да го испечам вака, што би се рекло во шкето. Подгтовката најмногу е инспирирана од рецептот за печен крап на Бигорски манастир. И навистина, што вика сопругот, беше прсти да излижиш, макај и јади. Претходно направив и рибина чорба, но дополнително ќе го напишам рецептот за неа.
1.Во еден длабок сад исечете ги морковите на кругови, кромидот исечкајте го на покрупно, додате зачини, мешан сув зачин, бибер, црвен пипер, промешајте и префлете ги во намастено тавче и одозгора додадете малку маслиново масло. Додадете го и доматниот сос и виното и убаво измешајте.
2. Рибата можи цела да ја ставите на средина, само да е засечена на повеќе места или како мене, исечена на кременадли. Прво рибата треба да е убаво посолена и отстоена во сол неколку часа претходно. Во секој засек или измеѓу парчињата, ставете по еден круг лимон и по неколку парчиња лук. Додадете и магдонос. Ако е цела риба, убаво наполнете ја во внатрешноста со лукче, лимон, магдонос, можи да ставите и од кромидот со морковите. Додадете зачини врз цела риба, црн бибер, босилек, мајчина душица.
3. На страна, загрејте маслиново масло околу 100 мл и со врелото масло попарете ја рибата.
4. Ставете да се печи во загреана рерна околу 1 час на 200 степени, после 1 час, превртете ги парчињата риба внимателно (или целата риба) и оставете да се допече уште половина час.
По желба во тавата со зеленчукот може да ставите и компири. Јас не ставив зашто ги избегнувам комбинациите риба со компир или риба со ориз.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Наздравје