Печено пиле на шише
Ова пиле на шише подолго време го меркав да го припремам, ми беше предизвик и денес беше денот кога го направив и мислам дека отсега само вака ќе го печам пилето. Предноста е што од сите страни се пече рамномерно, не се лепи кожата за тавата, не бара многу масло итн.
Постапка
1. Пилето измијте го, па избришете го и добро зачинете однадвор и одвнатре. Додадете зачини по желба, тие што вообичаено ги користите, јас само вегета ставив и сосема малку зачин за пилиња.
2. Шишето наполнете го до пола со вода и ставете го на средина од тавата, додадете вода и во тавата зашто кога ќе тече мрснотијата од пилето, да паѓа во водата.
3. Ставете го пилето врз шишето, копаните да бидат долу, отворот на шишето треба да влези во пилето и водата која од него ќе испарува во текот на печењето ќе го направи многу меко. Одвнатре ќе се динста, а од надвор ќе се пече.
4. Премачкајте го пилето сосема малку со масло и ставете да се пече околу 1 час или повеќе на 220 степени. Решетката ќе треба да ја спушите во долниот дел од рерната. Врвот од пилето обложете го со алуминиумска фолија за да не ви изгори.
5. Во текот на печењето вртете го тавчето за да се испече сосема рамномерно.
По желба, со печењето на пилето истовремено може одоколу да наредите компири да се печат, само додадете и масло и зачини врз нив.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови