Кога го пронајдов рецептот за оваа чоколадна–огледало глазура буквално скокав од радост. Не само што има неверојатно добар вкус и е прелесна за правење, туку одлична е затоа што се прави од бело чоколадо и може со додавање на прехрамбени бои да се добијат прекрасни нијанси и тонови со кои вашите десерти ќе изгледаат навистина уникантни, како да се излезени од некоја посебна слаткарница...Пробајте ја, навистина ќе ве воодушеви и остави без зборови не само со нејзиниот изглед туку и нејзиниот вкус.

Најпрво желатинот се раствора со вода и се остава на страна да се омекни.

Потоа растопете го белото чоколадо на пареа или во микробранова притоа внимавајте да не ви загори. Бидејќи белото чоколадо е малку поспецифично за работа со него, постојано мешајте и работете на ниска температура доколку работите на оган. Доколку работите во микро тогаш растопете го постепено, значи започнете со 30 секунди на медиум температура извадете и промешајте, па одете со двапати по 10 секунди, па со 5 доколку има потреба (при тоа промешувајќи помеѓу секое повторно приклучување) се додека чоколадото не се истопи и не добие убава течна текстура.И најважно од се е чоколадото да е што повеќе исецкано на помали делчиња така полесно ,поубаво и побрзо се растопува.

Потоа на среден оган ставете ја слатката павлака,водата и медот или( корн односно гликозниот сируп) да зовријат.Откако ќе зовријат отстранете ги од огнот и постепено турете ги врз истопеното чоколадо мешајќи со жица за матење се додекау се убаво не се соедини.Треба да добиете текстура на потечен сируп.

Потоа постојано мешајќи со жицата додадете ги истопениот желатин и маслото и на крај додадете прехрамбена боја во прав (која не се раствора туку се става дирекно така во прав ) или гел боја,а по желба можете да ставите и џем место боја за да ја добиете посакуваната нијанса.

Кога глазурата ќе добие малку погуста текстура односно како гликозен сируп тогаш можете да ја нанесте врз добро оладена торта во два до три слоеви.

Напомена

Ова глазура е идеална за употреба врз разни мус торти и крем торти или секакви кремасти колачи ...Исто така најдоброто е што можете да ја чувате во фрижидер и до две недели во добро затворена тегла или слично, пред употреба само ставете ја во микро или на пареа да се растопи и нанесете ја врз тортите или колачите.
Врз неа можете да ставите и украси од фондан, но само доколку се работи за краток временски период бидејќи фонданот не се трпи многу добро со оваа текстура, а иделано е за декорација со украси од чоколадо и слично.
Доколку саката можете да ја поделите во повеќе садови и да ставите различни бои во секој сад и да ја ишарате тортата онака како ви душа сака (како на дополнителните фотографии)
Исто така колку поквалитетно бело чоколадо користите толку и глазурата ќе ви биде повкусна,поквалитетна и побела (иако и со чоколадото за готвење излегува идеална како што може да се види на дополнителните слики). Исто така зависи и од тоа дали ќе користите мед или гликозен сируп. Јас користев темен мед бидејќи немав при рака корн односно гликозен сируп иако на тој начин глазурата би добила уште побела боја. На овој сајт имате одличен рецепт за гликозен сируп.
Од оваа количина излегува многу така да слободно можете да ја преполовите доколку работите помала торта.

Се надевам ќе ви се допадне - Уживајте во своите креации :)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови