Овој рецепт првенствено беше именуван како леб, меѓутоа мене според состојките и вкусот повеќе ме потсетува на вкус на погача, која може да послужи и како замена за леб. Како и да е, има одличен вкус, а најдобро во овој рецепт според мене е тоа што е многу практичен, со самото тоа што се спрема одвечер, а наредниот ден само се пече во загреана рерна во време кога нам најмногу ни одговара.

Подготовка

1. Подготовката започнува од вечер. Во длабок сад ги ставаме сувите состојки во наведените количини (брашно, квасец и сол) и промешуваме.
2. Потоа ги додаваме медот, путерот и павлаката. На крај го додаваме млекото. Миксираме со миксер-робот или доколку немате таков миксер тогаш мешаме рачно (со дрвена лажица) до хомогенизирање на состојките. Се добива ретка и леплива смеса (видете дополнителни слики). Садот го покриваме и оставаме 15 минути да одмори тестото.
3. Потоа со наводенети раце (без додавање на брашно) нежно го премесуваме тестото, го покриваме и овојпат го оставаме 1 час на собна температура.
4. После тој еден час, тестото го премесуваме кратко и пак со наводенети раце, формирајќи топка која ја ставаме во соодветен сад премачкан на дното и од страните со путер.
5. Покриваме со стреч фолија (намрсена со масло), па така завитканиот сад го ставаме во најлонско ќесе и го оставаме во фрижидер.
6. Наредниот ден (ќе приметите дека тестото е стасано) и непосредно пред да сакаме да го печеме, ја уклучуваме рерната да се загрее на 180 степени, и во загреаната рерна директно од фрижидерот го ставаме садот со тестото да се пече.
7. Испечената леб-погача веднаш ја вадиме од садот, ја премачкуваме одозгора со путер и ја ставаме врз решетка да олади. Овој леб-погача најдобро е да се сече оладен.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани