Мармалад од јагоди (со кратко варење)
Јагодите измијте ги и исчистете ги. Одберете здрави и цврсти плодови. Мерката на јагоди е за веќе исчистени плодови.
Ставете ги во длабок сад и испасирајте ги. Јас ги измиксав со рачен миксер. Доколку сакате, можете да оставете мали парченца, мене најубав ми е така мармаладот.
Ставете ги сега во длабоко тенџере, додадете сокот од лимон и на крај шеќерот. Измешајте и ставете да се вари на највисока температура. Промешувајте повремено за шеќерот да се стопи. Откако убаво ќе почне да врие, варете 4 минути со постојано мешање. Тргнете на страна, отстранете ја пената и веднаш полнете ги веќе стерилизираните тегли. Затворете ги со капаци и превртете ги теглите наопаку. Нека постојат така 5 минути да се вакумираат, па превртете ги. Оставете потполно да се изладат и ставете ги кај другата зимница.
Напомена
Јас користев желин шеќер 1:1, шеќер со пектин (види дополнителни фотографии). Доколку не можете да најдете таков, може да користите и Џемфикс или желин 1:1. Во тој случај, желинот измешајте го со 2 лажици шеќер, додадете во овошјето, измешајте и ставете да се вари. Кога ќе зоврие, додадете го шеќерот и со постојано мешање продолжете да варење. Откако ќе зоврие, се вари 3-4 минути.
Одберете високо тенџере, бидејќи мармаладот откако ќе зоврие многу се крева нагоре, пени доста, а и прска. Јас, откако ќе почне многу да врие, ја намалувам малку јачината на ринглата (на 7 од 9) ама затоа го продолжувам варењето за половина минута.
Сокот од лимон служи за да му даде освежителна нота на мармаладот, а и за да не потемни. Количината на сок од лимон одредете ја сами, 1/2 лажиче доколку јагодите се покисели, 1 лажиче доколку се благи.