Едно традиционално македонско јадење,кое од одамна се подготвувало во македонските домови.
Во тенџере ставаме 2,5 литри вода и 4 лажички сол.Кога водата ќе зоврие се става пченкарното брашно и не се меша,туку на 3-4 места се прават дупчиња во брашното со дрвено сукало.Се остава така да врие на тивко.За тоа време во тава ја заржуваме прво сланината исечена на коцки.Се трга на страна,а во маснотијата од сланината се пржи и месото исто така исечено на коцки.
Месото во текот на пржењето го посолуваме со 1 лажичка сол.Качамакот е готов кога ќе испари една третина од водата и кога водата ќе добие густина на јогурт.
Го тргаме тенџерето од оган и сега ви е потребно сукалото и доволно силна рака.Мешаме постојано со сукалото се додека не се измеша сета вода и да нема воопшто грутки во качамакот.Сега во плех во кој ќе го запекуваме качамакот ставаме зејтин и 1 лажица маст.Го ставаме на оган и ставаме по малку од качамакот во плехот,лажица по лажица,додека целиот качамак не го префрлиме од тенџерето во плехот.Одозгора го ставаме месото и сланината и качамакот се става во загреана рерна сосема кратко околу 10 минути.Навистина е преубав и ви препорачувам да го имате на вашите трпези.Подобро е да се јаде на зима со црвено вино,ама вкусно е во сите годишни времиња.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови