Многу ги сакам лебовите со долга ферментација или со стартер, не содржат многу квасец и се многу повкусни и поздрави.
Сите состојки мерете ги во грамови.
За стартерот најпрво квасецот го растопуваме во водата, брашното го додаваме малку по малку додека мешаме со вилушка. Го оставаме стартерот да ферментира од 6 до 8 часа на 18° температура. Ако немате можност да ја мерите температурата, оставете го стартерот во просторија во која што не е многу загреана, а ниту е многу ладна. Јас пролет, есен и зима го оставам да ферментира во затворена и исклучена рерна, а додека во лето го ставам во фрижидер.

Ферментираниот стартер, квасецот и сладот додадете ги во водата. Јас водата во зима ја додавам млака, а додека во есен, пролет и лето на собна температура. Сладот можете да го замените со една лажица шеќер. Малку по малку додадете го брашното и замесете меко тесто.
Тестото се остава да стасува во претходно намастен сад околу 40 мин.
Откако тестото ќе стаса преклопете го врз набрашнета работна површина, растегнете го со рацете и преклопете го 2-3 пати во форма на плик. Колку повеќе пати ќе го преклопите ќе има помалку меурчиња кога ќе се испечи. Ако сакате супер огромни меурчиња доволно е да го преклопите само еднаш. После неколку минути доколку сакате разделете го тестото на помали парчиња со помош на нож.
Покријте ги со кујнска крпа и оставете ги да стасуваат 60 минути. Загрејте ја рерната на 220° заедно со тавата за печење, во рерната ставете на долниот дел и мал огноотпорен сад со вода, ќе помогне лебот да добие крцкава коричка во печењето. Во следниот чекор треба да бидете брзи и внимателни да не се изгорите.
Врз топлата тава за печење со помош на лопатка префрлете ги лепчињата, веднаш ставете ги да се печат. По 10 минути извадете го садот со водата од рерната и оставете ги да се допечат без пареа.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани