Кунефе доаѓа од турската кујна. Тоа е еден интересен рецепт за кадаиф, но со фил од сирење. Сирењето, односно кашкавалот кој најчесто се користи за оваа сладурија е младо козјо и не многу солено, но секако заменски може и со друго сирење. Според мојот вкус и изборот на намирници кои ги има во моето опкружување, избрав да го направам со свежа моцарела и не згрешив, испадна одлична комбинација.
Рецептот е за мала доза, а тоа е така затоа што овој десерт се јади додека е топол, т.е. жежок, бидејќи кога ќе се олади веќе не е тоа тоа. Значи, најчесто се спрема во помали садови, а изборот колку ќе се зависи од луѓето.

Подготовка:

1. Ставете го шербетот да се вари. Откако ќе зоврие, оставете го на мала температура на ринглата,10на мин да се вари и на крај додадете му ја ванилата. Исклучете го шпоретот, но не го тргајте садот од рингла, за да се одржава шербетот топол.

2. Во меѓувреме издробете го кадаифот ситно со рацете, а путерот стопете го. Измешајте ги убаво двете работи.

3. Садот во кој ќе го печите за оваа доза треба да е околу 12на см. Премачкајте го со путер убаво насекаде, ставете половина од кадаифот така што убаво ќе го истегате (ако ви е полесно употребете чаша). Врз него ставете исечкана на парчиња моцарела сирење и над неа остатокот од кадаифот. Со вилушка убаво средете ги страните и израмнете насекаде.

4. Има два начини да се испечи. Најчесто тоа се прави на рингла по истиот принцип како што јас го сторив во рерна. Рерната да е загреана на 190С. Се печи додека не порумени од горната страна. Потоа се вади и со помош на рамна чинија, како омлетот, се превртува од другата страна и се става да се допечи исто.

Печениот кадаиф, жежок се прелива со жешкиот шербет и се служи топол. Јас го послужив со сладолед кој одлично се вклопи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови