Посно, вкусно, едноставно за подготовка премеко лепче, така да го наречам зашто текстурата му е таква само со помеко тесто. Го испеков во куглов за подекоративно да изгледа така да може да се послужи за посни слави, имендени родендени со други посни пецива. Исто така може да се стави да се печи во плех па после да се сечат коцки, во мафини (неколку направив и такви), во векна за леб и сл.

Најпрво подгответе го зеленчукот.
Спанаќот одмрзнете го, исцедете го од водата што ја пушта и исецкајте го.
Морковот излупетего и исецкајте го на многу, многу мали коцкички.
И празот исецкајте го на поситно.

Подгответе го тестото.
Во садот за месење ставете го квасецот, водата, маслото, солта, шеќерот и измешајте да се раствори квасецот. Постепено додавајте го брашното и мешајте со дрвена лажица бидејќи е многу меко да се изедначи. Сега додајте го и зеленчукот и продолжите да мешате додека не се соедини со тестото. За полесно можете да го доизмесите и со рака ама прво намачкајте се со масло за да не ви лепи.
Покријте го со најлонска фолија и крпа и оставете го да скисни околу 45 мин.
Кугловот намачкајте го со маргарин на секаде и посипете го со сусам и ленено семе.
Тестото префрлете го во кугловот или калапите што ќе ги изберите и со помош на намрсена рака порамнете го. Оставете го да скисни повторно 30-35 мин и ставете го да се печи во загреана рерна на 200 степени 45 мин и 15 мин оставете го во исклучена рерна.
Кугловот е висок па ова време му е потребно да се испечи убаво, да не остане внатре живо тесто (што велиме).
А ако се користистат помали тави сигурно печењето е помалку и до 40 или во мафини до 30 минути.
Печениот куглов покриен со фолија и крпа оставете го да олади, а потоа превртете го на соодветна чинија да доизлади, исто покриен.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани