Кајсиени слатки (посно)
Како 50-ти рецепт, еве еден мој рецепт за посни колачи кои ги правев за именденот на ќерка ми Ивана, бидејќи секогаш е во пости. Не бараат печење, само мелење (или сецкање по желба), а откако го користам сецкото на Делимано, не се одделувам од него и скоро се правам со него.
1. Кајсиите се ставаат во млака вода околу 30 минути, се цедат и се блендираат.
2. Бисквитите, лешниците (јас имав непечени, а вкусни се и потпечени) и оревите се мелат и се ставаат во садот со кајсиите.
3. На овие состојки се додава џемот од кајсии, се замесува со рака и се прават слатките.
Јас направив една форма како планинки на задната страна од цедалче за лимон, кое го обложив со најлонче за полесно вадење на слатките, а дел ги направив како бомбици. Излегуваат 20-22 слатки зависно од големината.
Вкусот на кајсиите преовладува и јас го обожавам. По желба бомбиците можат да се брцнат во стопено чоколадо (посно или мрсно по желба) и да се избрбелаат во сечкани лешници, вкусот е екстра!
Лиценца: Сите права се задржани