Ова е едно од најомилените јадења на мојата сопруга и секогаш го подготвувам со посебно внимание.

Во поголем сад за готвење ставете 2 лажички сол и ставете ги брокулата и карфиолот, претходно исечени на покрупни парчиња, да се варат.
Кога ќе омекнат процедетеги во цедалка и ставете ги на страна да се изладат.

Во друг сад за готвење ставете го маслиновото масло да се загрее и кратко пропржете ги исецканите лук и босилек.
Не штедете на лук и не го сецкајте многу ситно.
Во вакви филови и јадења свежиот зачин секогаш многу кратко пропржете го во маслиново масло зошто така потполно ќе пушти вкус и мирис и комплетно ќе ја оправда неговата употреба.

Додадете ги процедените и изладени брокула и карфиол, промешајте, додадете ги пелатите, додадете мелен свеж бибер, промешајте и оставете кратко смесата да се динста.

Тргнете го садот од оганот и со рачен пасирач испасирајте ја смесата. Промешајте убаво да се изедначи и оставете малку да се излади.

Кога ќе биде смесата доволно изладена за да може да ги наполните канелоните, наполнете ги и наредете ги во сад за печење.
Јас сакав малку да си играм па употребив два сада за печење од кои едниот беше глинен традиционален сад.

Подгответе го бешамелот.

Во длабок сад на средна температура ставете ги маслиновото масло и путерот. Кога ќе се растопи путерот додадете го брашното и убаво промешајте.
Со постојано мешање со метална маталка постепено додавајте го млекото.
Кога убаво ќе се изедначи смесата посолете, додадете свеж мелен бибер и исецканиот копар и повторно убаво промешајте.

Тргнете го садот од оган и додадете го ренданиот кашкавал.
Оставете малку кашкавалот да се растопи и повторно со металната маталка убаво промешајте да се изеднаши смесата.

Во садот за печење додадете го доматниот сок. Протресете го садот за да сокот од домати навлезе помеѓу канелоните и да се спушти до дното на садот.

Врз канелоните истурете го бешамелот и убаво изедначете го преку целата површина. Врз бешамелот рамномерно ставете го ренданиот пармезан.

Садот за печење со подготвените канелони ставете го во рерна, претходно загреана на 180 степени.

Оставете ги канелоните да се запечат 20тина минути и кога ќе бидат убаво омекнати препуштете се на овој сосема необичен и уникатен вкус.

На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани