Запечени компири со кашкавал и павлака
Прекрасен и лесен ручек кој нема да ве остави рамнодушни. Одличен начин да го искористите компирот, а да избегате од вообичаениот начин на приготвување на истиот. Се топи в уста буквално. Направете си и една салата и таман сте.
Прво се варат компирите, но не целосно, треба да останат малку недоварени.
Се оставаат убаво да се изладат и се лупат.
Се рендаат на крупната страна од рендето или се сечат на многу тенки кругови. Се зачинуваат со сол, кари, малку црвена пипер и црн бибер.
Се додава ренданиот кашкавал, сецканиот кромид, маслинките и павлаката и се меша убаво и внимателно, не сакаме да добиеме структура на пире туку компирот треба да си ја задржи формата.
Оваа количина е доволна за двајца и затоа печев во 2 мали земјени садови како за сирење во фурна, а вие печете во тоа што имате на располагање.
Се подмачкува садот за печење и се пренесува целата смеса внатре и убаво се распоредува без многу притисок.
Се пече околу половина час на 180 степени, а пред самиот крај се додава уште сосема малку рендан кашкавал и павлака одозгора и се допекува уште 2-3 минути колку да се растопи кашкавалот.
После печење оставете да се олади неколку минути и навалете.