Битолчани со голема носталгија ќе се сетат на овие пецива-колачи што тогаш времено се продаваа во фурните на некогашната Жито Битола. Мислев дека само мене ми биле омилени, но се испостави дека не сум била единствена, ами многу кои ги вкусиле ги сакале. Покрај тоа, овие симитчиња ме потсетуваат на дедо, кој знаеше секој ден кога си доаѓаше од работа да ми купи или Рунолист чоколатче или пак вакво симитче. Дедо многу рано замина од овој свет, симитките потоа јас самата си ги купував, а сега пробувам да ги доловам со овие колачи и драгите спомени од едно безгрижно време.
Три пати ги правев со менување на ситни состојки до желбата за успех што поблиску до оригиналот. Оригиналот секогаш ќе си е оригинал, а јас и понатаму со секое следно правење ќе пробам колку можам да го доусовршам рецептот. Но, интересно е што од оваа количина се печат два плеха и од истиот состав сепак добивам различни крајни производи. Овој рецепт е НЗС од сето досегашно искуство и опити, но му фали уште мааалце за да е она по кое трагам. Ќе го впишам тука, па ако успеам уште да го подобрам, а му треба само мнооооогу малце, ќе се вратам со апдејт.

Подготовка

1. Ставете ја амонијата во млекото да се угаси, измешајте и оставете ја 2-5 мин. Потоа додадете ги течните состојки. Јас со нив го ставив и прашокот за печиво. И тој пени како и другите.

2. По една минута додадете го омекнатиот маргарин на помали парчиња и почнете да месите и да додавате брашно.

3. На набрашнета површина расучете го тестото со дебелина од скоро см и со широк кружен калап вадете кружни форми.

4. Наредете ги во плех, оставете ги така 10на минути и потоа и многу тенко премачкајте ги со белка, посипете врз секое по 1 лажиче шеќер и распоредете го насекаде рамномерно. Внимавајте шеќерот да не се влажни од белката. Веднаш ставете ги во загреана рерна на 180С да се печат некои 15на мин, т.е. додека благо не поруменат одозгора.

5. Кога ќе ги извадите од рерна оставете ги да оладат за да ја вкусите онаа текстура на крцкави одозгора, а меки и ронливи во внатрешноста.

Во опитите шеќерот го ставав на различни начини. Еднаш премачкани само со вода, па шеќер одозгора, па со белка, пред и за време на печење пред да го додадам шеќерот. Овој начин се покажа најдобар, а во следна прилика (или некој во меѓувреме ако проба нека јави) ќе пробам да ги премачкам тенко со густ шербет. Се чинам дека тоа ќе е највистинското. Но, не со размачкување, ами со поросување, т.е. посолување од покрупни соларниче за да не се топи шеќерот, ами кристалите да бидат цели и залепени на тестото. Во дополнителни ќе ставам слика и од претходните обиди да да се воочи визуелната разлика за ова.

 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани