Во рецептот за емпанади со сладок овошен фил, на кратко ја опишав нивната историја, па сега ќе ви прикажам рецепт за солена варијанта на ова пециво. Полнењето на солените емпанади е во главно месо, а јас ги направив со фил од колбаси. Мислам дека некаде прочитав дека вака се прават во Аргентина, па еве нешто и од нивната кујна.
Убаво предјадење или пак како да речам, убави грицкалки се ова пециво.

1. Изматете ги водата, оцетот, белката, јајцето и солта. Од брашното, маста и маргаринот направете една смеса, па поврзете ја со течните состојки. Замесете тесто, замоткајте го со најлонска фолија и ставете го во фрижидер на 1 час.
2. Колбасите и кромидот исечкајте ги на ситни коцки. Кашкавалот нарендајте го, а маслинките исечкајте ги на кругчиња. Сите состојки за филот измешајте ги.
3. Развлечете го тестото со сукало, да биде со дебелина од 5-7 мм, па со помош на округло калапче вадете кругови. На секој круг ставајте од филот, а краевите на кругот поминете ги со сенф или изматено јајце.
4. Затворете ги и поминете т.е. притиснете ги со вилушка добро да се затворат.
5. Наредете ги во тавче на хартија за печење и премачкајте ги со изматена жолчка или пак цело јајце. Печете ги во загреана рерна на 180-200 степени околу 40 минути, се разбира во зависност од јачината на рерната.
5-10 минути при крај на печењето треба да се премачкаат со белка или пак со цело јајце, за да бидат мазни и светкави.

Забелешка
Можете колбасите со кромидот и да ги пропржите ама мене оваа „свежа“ варијанта повеќе ми се допаѓа. Во фил можете да ги ставите сите комбинации што ќе ви паднат на памет или во зависност од продуктите што ќе ги имате по дома.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани