Еве една едноставна и лесна погача која ја научив од мојата снаа Даниела и секогаш кога имам повеќе обврски во исто време, а треба нешто поколичинско да го има, си ја правам оваа погача. Ја сфаќам изработкава на погачава по принципот пооди застани, ха ха.

1. Во вангличе се става квасецот, млаката вода, солта, шеќерот и 1 филџан брашно, сето ова се меша со дрвена лажица и се остава да стаса околу 15 минути на топло.

2. Кога е стасано се дотураат 6 филџани брашно, маслото и 1 јајце, се меша убаво со лајцата и пак да стои да нарасне.

3. Потоа се префрла во тава за печење бр.30 или 32 (зависно со колкав филџан мерите), убаво се расплескува во тавата (намрсена) и пак се остава да стаса.
Сега си ја пуштате рерната да се загрее на 200 степени.

4. Кога ќе стаса се премачкува со јајце, по желба се ренда сирење, се роси со сусам и се става да се печи околу 35-40 минути.

Се покрива со крпа, се лади и се сечи на локуми или коцки.
Можи да мерите со било каков филџан но битно е да мерите со истиот.
Ти благодарам Даниела за рецептов!
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани