Драги мои по многу сајтови ќе сретнете тегната пита со компир, праз, спанаќ, јаболка......ама со рукола нема, барем јас не сум забележала.
На подарок добив огроооомна кеса штотуку набрана млада рукола( и млад, беби спанаќ)
Убаво ливче по ливче ја исчистив, ја искористив во неколку рецепти, но сепак имав уште многу.
Требаше за 2-3 дена да ја искористам.
Па дојдов на идеја да истегнам кора со богат фил.
Бевме прееееееезадоволни од прекрасниот вкус на питава.

Прво во вангличка го ставаме просеаното брашно, па додаваме млака вода, во која го додаваме парченцето квасец, со големина на мало нокте, значи многу малку, па ставаме масло.
Сега постепено замесуваме тесто, кое не смее да е претврдо , ниту многу меко.
Убаво го изработуваме и го делиме на 6 топчиња.
Секое топче го расукуваме во мало кориче.
Од двете страни коричињата ги премачкуваме со масло, па ги редиме на еден послужавник.
Ги покриваме со проѕирна фолија и ги оставаме 30 минути така.
За тоа време го подготвуваме филот.
На загреано масло го пржиме ситно сецканиот праз.
Од кога е застаклен ја додаваме прво руколата, да овени.
Промешуваме, па го додаваме спанаќот.
Кратко запржуваме, но внимаваме цела вода да испари...или ако пуштат многу вода, едноставно ја фрламе.
Тргаме од оган, па додаваме сол, бибер и урда.
Убаво промешуваме.
Сега на маса постиламе чисто кујнско чаршафче.
Ја земаме првата кора и со наддланките ја растегнуваме убаво од сите страни.
Ја стааваме на чаршафчето и почнуваме да ја тегниме кората.
Крајчината ако ни се многу задебелени со алатка за сечење на пица ги одстрануваме.
По малку распрскуваме со масло врз кората и нанесуваме од филот, одприлика по 3-4 лажици.
Го подигаме чаршафчето и заролуваме.
Ги виткаме како банички или како полжавчиња.
Постапката е иста со целиот материјал.
Ги редиме во намастен плех, по малку одозгора попрскуваме масло.
Печиме во загреана релна на 180,0190 с, околу 20-25 минути.
Сервираме со чаша јогурт.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани