Домашен оцет (овошје по желба)
Оцет се прави од кое било овошје. Лесно е за правење, нема многу работа, но треба да се чека 30-45 дена да ферментира. Вреди чекањето, бидејки ако прочитате на етикетите на купечките оцети, ќе видите дека ставаат конзерванс. Искрено, појма немам што ќе му е конзерванс на оцет, кога и самиот оцет го користиме како конзерванс во зимници, ама тоа е, индустријата се обидуваме да ја избегнеме до максимум, баш заради такви глупости.
Кога сме веќе кај купечкиот оцет, не верувам ни дека го ферментираат како што треба, ама уште не сум дознала која глупост ја прават на тоа поле.
Ферментираните производи, како оцет, боза, кисело млеко и сл се добри бидејки содржат убави бактерии кои помагаат во варењето на храната и нејзино квалитетно искористување.
Значи, процедурата е лесна. Сокот од овошјето што сте одлучиле да го правите оцет, ставете го во сад, прекријте го со газа и капак, но мора да оставите малку да диши.
Во случај да имате оцетна габа, додадете ја за да ја забрзате ферментацијата. Ако немате, сама ќе се создаде само потребно е малку подолго време. Со габа окулу 30ина дена, без габа 45-50 дена.
Оцетна габа се оние парталчињата што се создавАА порано во оцетот. Сега не сум видела да се создава. Тоа е еден знак дека нешто не чини со индустриските оцети.
Процедурата е таа. Лесно, но сепак ќе си објаснам детално за секој оној кој што никогаш е правел оцет.
1. Во сите рецепти кои ги најдовме по интернетов и сите со кои што зборувавме, ни велеа дека цели парчиња овошје ставале за оцет. Нам никогаш не ни успеа така. Секогаш ни фаќаше мувла. Затоа веќе втора година по ред си правиме оцет само од сокот и нема утка.
2. Доколку имате овошје кое не може да се пројде на соковник, тогаш убаво изгмечете го со раце или некоја алатка, да пуштат убаво сок. Оставете ги во голем сад или канта 1-2 дена. Крупниот дел од овошјето ќе спадне на дното, а горе ќе избие чистиот сок. Сокот со кутлача или друга црпалка претурете го во садот кој што ќе го користите за ферментација на оцетот.
3. Доколку сакате да правите оцет од овошје кое нема баш многу сок, кајсии, јагоди и сл, само испасирајте ги и додадете вода. Вода се додава од око, само да не испадне премногу вода и да не може да исферментира убаво. Додавајте во мали количини и мешајте.
4. За да добиете убав бистар оцет потребно е да се прецеди неколку пати низ газа.
5. Сокот кој што треба да ферментира не го ствајте во садови со тесен отвор бидејки габата што ќе се создаде на површината ќе ви го отежни процедувањето. На дополнителната слика се гледа садот во кој што ние го чуваме оцетот.
6. Разликата помеѓу оцетната габа и мувлата лесно ќе ја забележите. Габата е густа, лигава, како желе, додека мувлата на површината е како прашина.
7. Уште еднаш да повторам дека садот треба да биде затворен, но да диши, не целосно затворен. Ако е целосно затворен, може прсне од самата ферментација. Сокот се остава на собна температура да ферментира.
8. Сокот може да го ферментирате во големи пластични балони од 6л или 10л од флаширана вода. Тие имаат пошироки отвори, а и може лесно да се исечат ако имате проблем.
9. По истекот на тие 45-50 дена, ќе забележите стабилизација на ферментацијата. Нема веќе ништо да се случува. Тогаш е време да го прецедите оцетот за последен пат и да го флаширате во шишња по желба. Затворете ги убаво и чувајте ги на ладно и темно место.
10. Ако во оцетот што сте го складирале се појават парталчиња, не е ништо страшно, тоа е оцетната габа. Можете повторно да го процедите, но ако не ви пречи, не мора.
11. На дополнителната слика се гледа како ние го процедувавме оцетот годинава. Голем сад, голема цедалка, газа, помала цедалка. Помалата цедалка ги собираше крупните делови и таа ја празневме почесто. Ако одат сите делови право на газата, таа побрзо ќе се затне и ќе мора да се пере или да се земе нова газа. Најлесно ни беше така бидејки два пилиштарци ни трчаа по дома, прашуваа, пипка, помагаа (или оној обид што мислат дека помагаат, а всушност ни прават 300 бељи)
Мислам дека кажав се. Ако нешто сум заборавила, ќе им кажам на тетките и чичковците од МоиРецепти да корегираат.
Ние и лани и годинава си направивме оцет од сливи џанки. Тоа најмногу го има во нашиот крај. Презадоволни сме си од вкусот и мирисот. Имајте на ум дека домашниот оцет е појак, па се користи во помали количини.
Лиценца: Сите права се задржани