Десерт со пченица, афион, ореви и суво грозје (посно)
Варената пченица во комбинација со ореви и мед е ризница на богатство од здрави хранливи состојки, па еве од мене еден предлог за вкусен, хранлив и балансиран оброк.
Подготовка
1. Пченицата ја ставаме во длабок сад, додаваме вода и ја оставаме покриена со капак (најдобро преку ноќ).
2. Следниот ден ја процедуваме таа вода, па пченицата ја ставаме во тенџере со зовриена вода (600 мл) и прстофат сол. Пченицата се вари на средна температура, покриена со капак. Повремено промешуваме. Готова е кога ќе се апсорбира целата течност.
3. Додека се вари пченицата, сувото грозје го ставаме во сад и ставаме жешка вода, да одстои така 15 минути, па го прецедуваме. Исто така, во друг сад, го ставаме афионот, ставаме жешка вода, да одстои 15 минути, па го прецедуваме. Кај исцедениот афион додаваме 2-3 г.л. од сецканите ореви, и во длабок и тесен сад со стапчест блендер го блендираме до добивање на мазна структура (или го толчиме).
4. Потоа во сварената пченица (која ако сакате може да ја сомелете, јас не ја мелев) ги додаваме сувото грозје и сецканите ореви. Го додаваме и блендираниот афион со оревите. Мешаме убаво да се соединат состојките. Кога ќе подизлади смесата, тогаш го додаваме медот (количина по вкус).
*Забелешка - По желба додадете и цимет. Кога се вари пченица, секогаш се водам по правилото на 100 гр пченица се става 300 мл вода и секогаш ја ставам во вода да одстои преку ноќ. Од оваа количина добивате 3 чаши како на сликата.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани