Гроздов Мед (Маџун)
Задолжителен дел од нашата зимница е и овој гроздов мед, кој е природен антиоксидант, богат со витамини, минерали, танини, флавониди. Маџунот е ризница од хранливи состојки, кои ќе ви помогнат да го подобрите вашето здравје и имунитет. Се прави и од бело грозје и од црно грозје, но разликата е во тоа што ако е направен од бело грозје се користи како храна, а ако е направен од црно грозје се користи и како храна и како лек. Но, во секој случај се одбира поблага сорта на грозје, од која се добива и количински повеќе маџун. Јас најчесто го правам од сортата Кратошија.
Подготовка
1. Ширата (претходно процедена преку цедалка, па преку газа) се става во поголемо и пошироко тенџере (најдобро инокс) на умерена температура. Се вари подолго време, со почесто промешување, за да не дојде до загорување на дното. Во меѓувреме доколку се појави пена, истата ја тргаме настрана.
2. Маџунот е готов кога ќе се згусне како мед, или како сируп, односно откако ќе испари барем половина од вкупната количина на течност (или најмногу да испари 1/3).
3. Се складира во топли (стерилизирани) тегли или шишиња.
*Забелешка - Овој гроздов мед може да се јаде како класичен мед, да се употреби како замена на шеќерот (да се додаде во млеко, чај, вода), се користи и во разни рецепти, како прелив на сладоледи, торти, колачи.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Мислам дека ќе го биде, зошто да не? Постапката е таа, дали во обично тенџере или во садот од кукерот, сеедно е според мене, само треба да се обрне внимание на делот со мешањето, за да не загори.