Млекото, водата, квасецот, зејтинот и брашното се мешаат заедно. Се додаваат солта и шеќерот и пак се промешува. Оваа смеса се остава во фрижидер да отстои половина час. Во меѓувреме се подготвува филот. Сирењето се ренда на крупно, убаво е да се користи помасно сирење, и потоа се додаваат јајцата и убаво се промешува.

Откако смесата со млеко, вода и брашно ќе отстои 30 минути, се вади од фрижидер и почнувате да ги редите корите. Најпрво земате една кора, ја попрскувате со смесата, па врз неа ставате уште една кора и повторно попрскувате, и ја додавате и третата кора. Се порскува со смесата и се става од филот на едната страна од корите по должина. Потоа се виткаат во форма на баничка. Баничките ги редите во огругла тава во која што ќе ја печете гибаницата. Откако ќе завршите со сите кори и ќе ги наредите во тавата, преостанатата смеса од млеко, вода и брашно ја истурате во тавата, односно ги преливате наредените банички. 

Печете ја гибаницата во рерна на 180-200 степени околу 30-45 минути, зависи дали ја сакате повеќе или помалку печена. Се служи секако додека е топла, со шолја јогурт.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови