Кога еднаш ќе научам некоја техника за месење, готвење или што и да е во кујната, секогаш се трудам да ја употребам понатаму во моите нови рецепти. Додека се мислев кој козињак или милиброд да го стуткам за празникот, кај нас во Битола како за адет, мора да се има во секој дом. Ми текна дека можам да комбинирам нешта (нови и стари) и да добијам нешто убаво, слатко, миризливо и едноставно за подготвување.

Подготовка:

1. Прво, сувото грозје се меша со 1 ванила, се покрива со вода и се остава да набабри. Ова се прави неколку часа пред да почнете со проектов, а може и претходниот ден.
2. Квасецот го активирав со малку брашно, две лажици шеќер и околу 200 мл топла вода.
3. Шеќерот, маслото, млекото и портокалот (измиен и исечен на парчиња) ги ставаме во блендер и ги миксаме. (Еве ја мојата нова омилена техника за спремање колачи, што во иднина планирам да ја испробам со различни овошја).
4. Потоа течната смеса ја мешаме со веќе надојдениот квасец.
5. Го додаваме брашното и ванилата и замесуваме тесто.
6. Тестото е лепливо и треба да се придодаде уште малце брашненце при месењето. Се меси подолго време и додека месев неколку пати го засекував и трескав од работната маса, за да стане воздушесто
7. Кога ќе завршите со месење набрашнете го малце и оставете го под крпа на топло место да стасува. Во зависност од топлината на просторијата, ќе му треба час или два да надојде, како на секое слатко тесто.
8. Уште еден трик - јас го ставив во кола и таму стаса совршено, за околу час и 20 минути.
9. Откако стаса, се додава сувото грозје, претходно исцедено, се премесува и се го дели на два еднакви дела.
10. Двата дела ги ставив во куглоф, за да добијам венчиња.
11. Секој дел поединечно треба да заземе половина од садот за печење, за да има простор при печењето да расте. Садот за печење се премачкува со маргарин и тоа неколку слоја, зашто никако не смее тестото да залепи на садот за печење.
12. Печев 30 до 40 минути на 180 степени во загреана рерна.
13. 5 минути пред да го извадам од рерна го премачкав со маргарин одозгора.
14. Потоа го извадив и го покрив со крпа.
15. Садот за печење не мора да е куглоф, можете да си користите тавче по желба.

За многу години нека ни е Велигден!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови