Ова е баклава која не плива во шербет, а има доволно за да биде вкусна. Крцкава е и може да се рече дека е сува, по наш вкус, корите да не се тегави или меки.
Одберете потенки кори, во 1/2 кг да има над 20 кори.
Најпрво направете го шербетот, најубаво претходниот ден пред да ја правите, да биде убаво изладен.
Ставете го шеќерот во тенџере и турете вода два прсти над него. На 600 гр шеќер јас турам отприлика 750 мл вода. Ставете го да зоврие и кога ќе почни да вари, отприлика му треба 15 минути. Сирупот кој ќе се добие да биди малку потечен од мед. Додајте ја ванилата, а по вкус можете да додадете и лимон. Нека се олади.
Корите пресечете ги со димензии на тавата во која ќе ја печете баклавата. И ако останат потесни парчиња, слободно сложувајте ги по две, три.
Сомелете ги оревите, ама нека има и покрупни парчиња. Измешајте ги со шеќерот.
Стопете го путерот заедно со маслото. Пазете да не ви изгори или потемни. Најдобра крцкавост се добива кога ќе ги мачкате корите со жежок путер. Јас го пристоплувам во микробранова.
Тавата премачкајте ја со путер и ставете прво три кори една врз друга. Секоја премачкувајте ја со четче со путерот. Над третата наросете ореви. Потоа две кори, секоја премачкана па пак ореви. Така се до крајот. Одозгора оставете да има три кори. Најгорната не ја премачкувајте.
Притиснете малку со рацете и исечете ја по желба.
Ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 Ц 15 минути, па намалете ја т на 150 Ц и продолжете со печење уште 45 минути. Покријте ја со фолија да не изгорат горните делови.
Кога ќе ја извадите од рерната одма прелијте ја со шербетот. Нека се олади добро па можете да ја конзумирате.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови