Чипс од јаболчиња
Измешајте ги медот, сокот од лимон и циметот.
Јаболчињата излупете ги особено ако чипсот го подготвувате како ужинка за мали деца. Кога ќе се исушат јаболчињата кората е тешка за џвакање, но доколку сметате дека нема да ви пречи, прескокнете го овој чекор.
Извадете ја срцевината и тенко исечете на кругови. Јас потоа круговите ги сечам на половина бидејќи така ми е позгодно редењето во дехидратор, а и поекономично ако се има во предвид колку долго трае процесот на дехидрирање.
Наредете ги парчињата во пластичен сад и на секој ред попрскувајте по малку од маринадата. Затворете го садот и оставете ги да отстојат во фрижидер неколку часа со повремено промешување.
Наредете ги во дехидратор и сушете на 46 степени. За крцкав чипс ќе ви бидат потребни околу 24 часа, а доколку задржувањето на ензимите не ви е важно, можете да сушите на повисока температура.
Чипсот оставете го да се олади па наредете го во стаклени тегли или пластични кутии.
Доколку немате дехидратор, чипсот може да го подготвите во рерна со вентилатор, уклучена на 50 степени со подотворена вратичка.
Наведените количини се однесуваат на мали домашни јаболчиња кои се сушени во дехидратор со 4 полици за сушење. Се добива една и пол тегла чипс. Може да стои долго, но тоа само теоретски, кај нас праксата не дозволила да видиме колку!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови