Цветна путер погача
За почеток на овој убав рецепт потребно е да кажам дека млекото треба да е млако. Во 200 мл млеко се раствара свежата коцка квасец, додавајќи и шеќер. Разматуваме убаво да се растопи квасецот. Додаваме едно јајце,маслото и јогуртот. Посолуваме и додаваме брашно постепено. Пишав 600 до 650 гр брашно. Видете како ќе се одвива месењето. Ако лепи додавајте брашно. Оставете го тестото на работната површина каде го премесивте убаво. Покријте го со садот во кој месевте и оставете. Откако ќе нарасне и се наполни садот, премесете го тестото на истото место. Пресечете два дела за полесна изработка. Од секој дел усукајте кора од која со обична чаша ќе извадите кругови. За секој цвет ви е потребно по три круга. Растопете путер и со четка премачкајте ги двата круга. Значи земате еден круг мачкате со путер, пак земате друг круг кој го ставате врз првиот пак мачкате масло. Го ставате третиот круг каде веќе не мачкате путер. Со стапче за ражниче го преполовувате кругот, а потоа од другата страна исто оформувајќи го цветот. (види на фотографијата подолу ) Редете ги така сите цветови во намастен калап или тавче. Премачкајте ги со жолчка од јајце. Направете и некој лист по ваша желба и декорирајте. Јас за средината на цветовите направив топчиња кои ги замесив со 2 лажици брашно и 2 лажици нишесте. Направив топчиња па ги наредив во средината на секој цвет. Оставете да стаса уште еднаш погачката и печете ја на 180 степени додека не порумени. Кога е готова премачкајте ја со растопен путер. На здравје.