Еве еден рецепт за сурова храна од мене, кој е вистинска гозба за време на пости. Да не си го направев сама ќе мислев дека е направен со млечна кисела павлака. Пробајте, воопшто не одзема време за правење, освен времето што е потребно за киснење, како и ферментација со пробиотик, а особено корисно.

Подготовка
Ги ставаме оревите да се киснат во вода околу 5 часа или пак преку ноќ. Ја процедуваме водата, ги миеме и ги ставаме во блендер, заедно со една чаша вода и пробиотикот. Ги блендираме и оваа смеса ја оставаме околу 20 часа да отстои. Потоа ги додаваме солта, сокот од лимон, насечкано лукче, маслиново масло и зачини по желба. Ги сечкаме краставичките како за таратор и додаваме од подготвената кисела павлака од индиски ореви.

Забелешка
Ова е оригиналниот рецепт иако јас во претходните пости го имам подготвувано без пробиотик, само како намаз. Е сега решив да го пробам и вака и не погрешив, па така редовно го правам , на секои 2 до 3 дена, односно како се трошат залихите јас повторно го подготвувам.
Пробиотик купувам од аптека.
Од ова количество на индиски ореви излегува кисела павлака која е доволна за од неа да се направи таратор со 2-3 свежи краставици, ама тоа е сепак работа на вкус, значи каква густина сакате да има тараторот.
Откако ќе ги изблендирате оревите можете да ги ставите и лимонот и солта заедно со пробиотикот и водата, испробано и нема некоја голема разлика во вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани