Сочна тава (со бешамел сос)
Ова е рецепт комбиниран по мој вкус, каде го вметнав бешамел сосот и додадов рендан кашкавал одозгора, па така се доби овој превкусен и сочен ручен, кој по составот делумно наликува на мусака, ама сепак по вкус е нешто сосема подруго.
Подготовка
1. Најпрво започнуваме со подготовка на компирите. Ги миеме убаво и ги ставаме во поголемо тенџере да се варат (не се лупат) во ладна и посолена вода. Ги вариме скоро, додека да бидат прикрај сварени (внимаваме да не се преварат). Потоа ги цедиме од жешката вода, нека оладат (или им додаваме ладна вода и ги оставаме така 10- минути, па ги цедиме и лупиме).
2. Потоа загреваме малку масло, и ги пропржуваме ситно сецканите кромид и морков. Го додаваме и меленото месо, кога е прикрај со пржењето посолуваме и зачинуваме по вкус.
3. Во огноотпорна тава (намрсена со путер и посипана со лебни трошки) рендаме директно во тавата половина од компирите на крупната страна од рендето. Посолуваме и додаваме црн бибер, внимателно со вилушка промешуваме, го ставаме рамномерно меленото месо, па врз него ја рендаме и останатата половина од компирите. Пак посолуваме и ставаме црн бибер.
4. Подготовка на бешамел сосот - Во касерола на умерена температура го загреваме путерот, па го додаваме брашното, пржиме со мешање 1-2 минути. Сега го додаваме постепено млекото и притоа мешаме постојано со рачна маталка, за да не ни се направат грутчиња. Додаваме сол по вкус, црн бибер и мускатно оревче. Овој сос го готвиме околу 10-на минути до посакуваната густина, и притоа цело време мешаме со рачна маталка. Тргаме настрана. Овој сос го ставаме најзгора и врз него рендаме кашкавал на крупната страна од рендето.
5. Тавата ја ставаме во загреана рерна на 220 степени, додека за зарумени одозгора. Нека подизлади малку, па послужуваме.
Забелешка - Доколку не сакате да правите бешамел сос, тогаш заменете го со (изматени со рачна маталка) 3 -4 јајца и 200 гр кисела павлака, па одозгора ставете рендан кашкавал.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани