Во една шолја се додава млакото млеко, квасецот и шеќерот. Се остава додека да се растопи квасецот. Во голем сад се додава 500 гр. брашно и солта. Се промешува и се додава млекото со растопениот квасец, 1 јајце и водата. Се замесува тесто кое треба да се лепи на раце,па се додава 60 гр. маргарин кој е омекнат на собна температура и се соединува со тестото.
Потоа се додаваат уште 50 грама брашно и се замесува меко тесто кое не се лепи на раце.
Се остава да кисни 30 мин. Потоа се премесува тестото и се дели на четири делови.
Се зема еден дел и се дели на четири делови. Секој дел се расукува тенко и се премачкува со маргарин. Се редат четирите делови премачкани со маргарин едно на друго и се остава во замрзнувач да отстои додека го правите вториот дел на истиот начин.

Потоа се вади првиот дел од замрзувач, па се става вториот во замрзнувач.
Првиот дел се расукува тенко и се става во подмачкан калап со малку маргарин или масло.

Филот се приготвува така што се дроби сирењето, се додава 1 јајце и се промешува додека да се соедини. Се става фил на првата кора. Потоа се приготвува третиот дел по истата постапка како првиот и се става во замрзнувач, а вториот дел се вади, се расукува тенко и се става врз кората со филот.
Се повторува постапката додека имате материјал. На крај се остава 10 мин да отстои, се премачкува со едно јајце, се поросува со сусам и се печи во ладна рерна на 180° околу 30-40 минути.
Потоа се вади од рерна се попрскува со малку вода и се остава 3 минути да отстои покриено со крпа. Потоа се сечат парчиња по желба и се сервира.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови