Еднаш реков „Оваа блитвата немам пробано да ја ставам уште во торта“. Згрешив. Немав пробано да си направам пица со блитва ? Пред скоро точно 1 година, на ланскиот мој роденден, за првпат пробав пица со спанаќ во Рим. Од таму е инспирацијата да си направам и дома оти нели блитвата и спанаќот се како близнаци, па исто е дали ќе ставиш блитва или спанаќ, а и роденденот ми се ближи па така и ми текна. Да не претерувам, ама можно е оваа моја пица да е и поубава од таа Римската. Тестото си го правам дома, од вчера беше направено, не купувам повеќе готови теста и онака од никогаш не ми биле ни убави. Мислам и дека толку убаво до сега го немам погодено. Почнавме да се разбираме со тестата и да зборуваме на ист јазик.

Подготовка
Измешајте го квасецот со шеќерот и топлата вода. Во вангла ставете го брашното, додадете ја солта, маслото, прашокот за пециво и полека додавајте ја водата со квасецот и замесете меко тесто кое не се лепи. По потреба додадете малку брашно или вода. Месете го тестото убаво 5 минути и оставете го покриено да нарасне околу 1 час. Во меѓувреме направете го филот.

Обарете ја блитвата и убаво исцедете ја да нема вода. Исечкајте ја.

Измешајте ги кремот за готвење со киселото млеко и јајцето, додадете сол по вкус.

Набрашнете го со пченкарно брашно тавчето или плехот каде ќе се пече пицата.

Растегнете го тестото почнувајќи од средината кон краевите.

Наредете го спанаќот и одозгора потурете ја смесата од кремот за готвење, киселото млеко јајцето и сол. Посолете малку лук во прав. Наредете парчиња моцарела.

Печете на 200 степени околу 20 минути. Декорирајте со свеж домат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови