Најубавиот Мармалад од Шипки
Природен, направен на традиционален начин, од убави и чисти шипки, а „спакувани“ во мармалад, кој според мене (освен што е најтежок за правење) е највкусен.
Подготовката е во неколку фази -
1. Најпрво ги подготвуваме шипките, им го одстрануваме црниот дел (црните капички), ги миеме убаво и ги ставаме во поголемо тенџере со вода. Ги оставаме да се варат околу 2 часа и притоа да омекнат доволно за да може да се блендираат.
2. Потоа поминуваме преку машинката (видете додатна слика) или пак ако немате таква машинка, тогаш пасираме преку појадра цедалка. Во тој случај ќе имате повеќе отпадна маса. која сепак не е во целост отпадна, затоа таа смеса поминете ја уште еднаш преку газа. Помогнете си за полесно пасирање со додавање на вода, истата онаа каде ги варевме шипките.
3. Добиената каша од шипки сега ја поминуваме преку сито за брашно, ставаме со кутлач од кашата и триеме во круг со кутлачот. На тој начин се насобира отпадната смеса.
4. Последната фаза е минење на сега добиената каша преку хулахопки-кои ги сечеме, (или обични доколенки) ги рашируваме врз некоја чаша, ставаме од кашата и стискаме (за секој случај со нараквици) директно во тенџерето каде ќе се вари мармаладот.
5. Почнуваме со варење на мармаладот на средна температура околу 2 часа, тогаш веќе е добиена солидна густина, односно е прикрај мармаладот...тогаш се додава шеќерот-по вкус, јас искористив скоро 1кг. Сега ја појачуваме температурата, мешаме постојано, внимавајќи да не прска. За околу пола час мојот мармалад беше готов.
6. Полниме во загреани тегли (во рерна на 100 степени) ги запечатуваме убаво, ги завиткуваме во некое чаршафче или ќебенце, и така завиткани ги оставаме во исклучена рерна (која е млака од топлењето на теглите) до сабајле.
Уживајте во прекрасниот мирис и вкус на овој мармалад!
Забелешка -
- За да бидете сигурни кога е готов мармаладот, извадете во некое чиниче, оставете го да се излади целосно, тогаш ќе ја увидите добиената густина на мармаладот. Истотака кога ќе поминете со лажичката преку мармаладот, ќе се прави „пат„
-Или кога ќе земете од мармаладот со дрвена лажица, истиот „тешко„ ќе паѓа како тешки капки....нема да тече (видете додатна слика)
- Шеќерот се става на крај со една причина да остане убавата црвена боја на мармаладот.
- Од наведената доза јас добив 4 тегли мармалад.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Tocno, macen e za podgotovka, no najvkusen e