Сите дома си сакаме кифли. Најубави и највкусни се кога се топли. Во секоја комбинација одговараат и никогаш не е на одмет да се има некоја кифла плус во замрзнувачот. Правам и пробувам најразлични комбинации, но која и да ја земам рецепта горе доле составот секогаш е сличен. Ова е рецепта на класика на пекарски кифли кои слободно може да се замрзнат во кесички и кога и да имате потреба да се извадат од фрижидер, да се одмрзнат природно или да се подгреат, секогаш се убави. Најпрво квасецот го роиме во едно длабоко садче во кое додаваме една мала лажичка шеќер, 2 мали лажички брашно и малку млеко...го оставаме да стаса. Брашното го просејуваме - секогаш, тоа е многу важно и во средина правиме дупка и ги додаваме состојките по следниот редослед, 3 м.л шеќер, 2 м.л сол, надојдениот квасец, маслото и на крај надојдениот квасец. Сето ова постепено почнува да се замесува со веќе претходно загреаното млеко (топлината треба да биде-кога ќе го ставите прстот да можете да издржите и да изброите до 10). Тестото треба да биде меко, но да не е лепливо. Убаво со месење продолжуваме и на работната маса. Го фрламе тестот удирајќи се на работата маса
од 50-100 пати и на тој начин станува повоздушесто.

Потоа го делиме на 25-30 топчиња кои ги покриваме со кујнска крпа и ги оставаме да одморат. Секое топче со оклагија го развлекуваме. На едниот крај правиме рецки со нож за пица и го роламе во форма на кифла. Кифлите ги редиме во плех обложен со хартија за печење и повторно ги оставаме да одморат 20 мин. Жолчките ги мешаме со малку млеко и ги премачкуваме стасаните кифли, а потоа ги попрскуваме со сусам.
Се печат на 220Ц додека да поруменат. Јас ги сакам посветли и затоа ги печам на таа температура. Кога се готови повторно ги премачкувам со малку масло, ги покривам со хартија за печење и една крпа некои 10 мин чисто да здивнат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор-Сподели под исти услови