Рецептот е супер - прелесен и дозволува многу експериментирање и креативност, што мене најмногу ми се допаѓа. Плус начинот на служење на мафини го обожувам, зашто може да биде од наједноставен до нешто речиси совршено.

Напомена - Јас за мерење ги користев специјалните мерици кои мерат во шолјички (види во дополнителните фотографии). Доколку редовно испробувате рецепти од интернет како мене, мора да си набавите вакви, а бидејќи сега ги има во повеќето супермаркети по достапни цени, мислам дека не треба да има кујна без нив. Како и да е, за оние кои немаат вакви мерички, 1 (шолја) = (околу) 240 мл.

Начин на подготовка
1. Пуштете ја рерната да се загрее на 180˚С. Времето додека се загрее рерната ќе ви биде сосема доволно, за да го припремите тестото, кое се подготвува само со лесно мешање со лажица.
Најпрво со вилушка изгмечете ги бананите. Внатре помешајте ги шеќерот и маслото. Јас користев кафеав, нерафиниран шеќер и излегоа не многу благи.
2. Внимателно додадете ги боровинките и нежно измешајте. Доколку користите свежи или одмрзнати боровинки, добро е да ги набрашните, за да не ви пропаднат најдолу во тестото додека се печат. Јас користев замрзнати (кои во моментот на подговтовка сè уште не беа одмрзнати) така што не ги набрашнив, а и не морав многу да внимавам да не ми се распаднат во мешањето. Измешајте ги сувите состојки и потоа додадете ги на смесата со бананите и боровинките. Промешајте со лажица само колку да се соедини смесата.
3. Ставете во тавче – калап за мафини и печете во загреаната рерна, 16 – 20 минути. Јас вообичаено печам 15-тина минути нормално, плус уште 3-5 минути со вклучен вентилатор за убаво да ми се потпече тестото одозгора и да зарумени. Но како што си знаеме, тоа зависи од рерната и затоа секоја домаќинка си има свој начин, време и температура на печење.

Сметам дека рецептов може да трпи многу промени во зависност од желбата и вкусот. Јас би се обидела следно да измешам други видови бобинки на пример рибизли, малини, капини, јаготки, аронија или да додадам плус некое суво овошје или јатки. Ако испробам некоја нова комбинација, ќе споделам и слика и искуство.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови