Како што е кажано за нив-се топат в уста...))))
Рецептов испадна комбинација од повеќе рецепти од нет што ги имав запишано во мојот бележник.

Јајцата се оставаат најмалку 2 часа на собна температура, па потоа се делат белките од жолчките.
Лешниците ги мелиме и ги просејуваме низ сито.Ќе ни требаат повеќе од 80 гр., да не речам дупло, бидејќи само најситните честички успеваат да поминат низ ситото.
Исто и шеќерот во прав се просејува.
Па се мешаат лешниците и шеќерот во прав и повторно се просејуват.
Се матат белките со прстофат сол.Штом запенат на неколку пати им се додава кристалниот шеќер со лимон шеќерот.Се мати во густ, мазен, сјаен шам.
Потоа внимателно со шпатула се вмешува смесата од лешници, со движења во насока на часовникот и тоа од долу према горе.Се додава и бојата.Треба да се добие еднолична маса која ќе паѓа како лава.
Јас користев силиконска подлога, но сметам дека на хартија би биле уште поуспешни.Некако на блиску ми се, без многу растојание и неколку ми се слепија, што беа поставени едно до едно.
Се полни смесата во обично најлонче за фрижидер, се засекува врвот и се полнат круговите.
Се удира плехот неколку пати од подлогата за да се истисни воздухот од нив и да добијат убава форма.
Се оставаат да стојат на собна температура од 30-60 минути за да се сушат.
За тоа време фаќаат коричка и на допир не треба да се лепливи.
Потоа одат на печење.
Се печат во за греана рерна и времетраењето на печењето е 15 мин. на 150 степени, без вентилатор.
Се оставаат целосно да изладат, па се филоваат.
Во меѓувреме се спрема ганашот.
Се загрева слатката павлака до точка на вриење, па се излева врз искршеното или изренданото чоколадо.Убаво се меша додека се стопи чоколадото, па се додава киселата павлака и се изедначува.Се остава на собна температура да излади, промешувајќи од време на време, па во фижидер додека целосно се излади и згусти.
Филованите макаронски се чуваат во херметички затворен сад на ладно.
И уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови