Ова јадење не е карактеристичко за мојот роден град, Охрид, па прв пат пробав кога дојдов во Битола. Морам да признаам дека додека го фатам редот народски кажано за мазник, ми требаше време и имав многу неуспешни обиди, хех.
Го ставаме во сад брашното, солта и ставаме околу 100 мл масло. Додаваме вода и почнуваме да меси, меко тесто, во однос на водата колку ќе ви треба ќе видите сами, многу зависи од брашното, а тестото колку е помеко толку е подобро после да тегнење. Вака измесеното тесто го оставаме околу 20на минути малку да постои во садот.
Потоа, правиме 4 поголеми топки, и секоја од нив ја растегнуваме малку и ја намрсуваме од сите страни убаво со масло, вака намрсени ги покривам јас со најлон и ги оставам околу 30-40 мин да отстојат. Од моите неколку неспешни обиди заклучив дека колку повеќе стојат толку полесно е после во процесот на тегнење.
Започнуваме со тегнење на првата кора на чаршав. Јас користам еден постар на кој не ми се лепи тестото. Започнуваме прво со рака малку го растекнуваме, па потоа на самиот чаршав. Откако убаво ќе ја истегнеме, ја порскуваме со масло, ставаме од зајрето, овој пат јас имав месо мелено, претходно испржено и зачинето, ги сецеме краевите и ја виктаме во ролна со чаршафот не со рака и ја ставаме во намрсената тепсија. Ова го повторуваме со сите 4 кори.
Откако се готови малку од горе ги попрскуваме со мешавина од вода и масло и печеме во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути, додека не порумени убаво.
Штом го извадиме мазникот од рерна го покриваме со влажна кујнска крпа и остваме малку да олади, па сервираме и уживаме во јадењето.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови