Прекрасната фокача, прилагодена и изменета за хроно исхрана. Фокачата со интегрално ржано брашно кој дава крцкава и вкусна кора, а на вкусот на фокачата можете да си го прилагодите. Јас одбрав комбинација со маслинки, урда и оригано. Може да се искомбинира и со чери домати и босилек или кромид, маслинки и рузмарин и сл.

Се замесува меко, кашесто тесто, од брашно, вода, сол и масло. Се остава да стои минимум 2-3 часа, но најдобро цела вечер. Утрото тестото ќе добие растеглива структура, што значи дека е добро стасано и спремно за печење. Во тестото додадете сода, промешајте убаво, па потоа и сок од лимон и размесете.
Со влажни и намастени раце* се зема тестото и се распределува во тава за печење. Низ него со прсти се прават вдлабнатини, кои се пополнуваат со урда (или фета сирење). Потоа се редат маслинки. Одозгра наросете 1 прстофат сол. Потоа наросете уште малце урда по површината на фокачата. На крај наросете и оригано.
Се пече веднаш, во загреана рерна на 200 степени, 15-20 мин.

Оваа вкусна фокача е одличен појадок за оние кои се на хроно исхрана, но и за сите кои сакаат да конзумираат здрава храна.

*За полесна обработка на тестото, се прави смеса од вода и масло и се потопуваат рацете во неа.

 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови