Зелник
Знам дека има постирано многу рецепти со зелник, но бидејќи јас обожавам да го јадам, а веќе и сама знам да го подготвувам, решив да го споделам со вас мојот рецепт.
Подготовка:
1. Од сите состојќи, освен од маргаринот, се замесува средно меко тесто, кое мора да биде многу убаво изработено. Потоа, се дели на два дела, едниот, малце поголем, за долната кора, а другиот помал, за горната кора. Најпрвин се сука долната кора, не премногу тенко, се мачка целата со омекнат маргарин и се дипли како плико, со тоа што секоја страна од пликот се мачка со маргарин, само горната страна не. 2. Се поклопува со најлонска фолија и се остава во фрижидер да стои половина час. Истата постапка се прави и со втората кора. Откако ќе помине половина час, истата постапка се повторува со двете кори (мачкање со маргарин и преклопување) и повторно се враќаат во фрижидер на уште половина час. 3. Откако ќе отстојат, се преминува на сукање. Долната кора се сука според тавата, се става врз неа богато фил, па врз филот горната кора, која треба да е потенко исукана и да се набере како фалти. Одозгора пред печење се полева со остатокот од маргарин во течна форма, заедно измешан со зејтин и баш онака како што велеше баба ми, која беше мајстор за зелници, треба да пливне зелникот во маснотија. 3. Се пече најпрвин на добро загреана рерна на 250 степени, едно 10-ина мин, а потоа на 200 степени до целосно испекување.
На здравје!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови