Едноставно печено свинско со зачинет компир
Лукот исчистете го и исечете ги чешнињата вертикално (на пола), па во една чинија посолете ги и измешајте ги добро да се налепат со сол. Со остар нож правете џебови во месото и во нив ставајте ги парченцата лук. Може по неколку парченца во еден џеб. Потоа одозгора со остар нож направете засеци во месото, во вид на баклави. Посолете, зачинете со рузмарин и ставете го да стои во фрижидер 24 часа (или помалку, ако ви се брза). Следниот ден додајте го маслото, турете вода (да дојде до 1 см висина течност во садот) и ставете да се пече покриено со фолија, еден и пол час на 200 степени. Превртете го еднаш во тек на печењето. Пред да го исечете оставете го да стои 5- 10 мин. во садот.
Послужете го со прилог по желба. Јас избрав зачинет компир
Се подготвува лесно - компирот се лупи и се сече на резанки. Се прави мешавина од пченкарното брашно, палентата и зачините (вегета може, но јас не ставам кога мешам зачини). Се става ова во компирите, се мешаат, се редат во тепсија на хартија за печење и се печат на 200 степени, додека станат крцкави. Еднаш промешајте во тек на печењето.
А можете и како мене, ако немате хартија за печење, да ги ставите во сад, на малку масло. Пак се вкусни.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови