Одамна се подготвувам да направам домашни равиоли и ете, бидна и тој ден. Вреди трудот и времето, бидејќи се прекрасни и за разлика од купечките, се неспоредливи.

Ова е мој начин на подготовка на равиоли. 

На почеток се подготвува филот за да има време да се олади, додека се спрема тестото.
Прво се запржува кромидот, а потоа се додава ситно сецканиот морков и лук. Од како ќе се запржат, се додава месото. Сето заедно се меша и се пржи и се става оцет балсамико. На крај доаѓаат зачините. Ставете по ваш вкус количина на зачини. Филот се остава да се излади.

Тестото се замесува од наведените состојки и се замесува на тврдо. Потребно е да се меси подолго време. Јас досега сум го правела тестото без масло, но во куварот за италијански рецепти што го имам пишуваше да се стави масло, а исто така и Џејми Оливер и Џенаро на ист начин го спремаа, па се решив и јас така да го направам. И не погрешив, супер искочи. Структурата е помазна и помалце се суши.
Замесеното тесто се остава да се одмори, 20 мин, во кесичка за замрзнувач, на собна температура.
Одмореното тесто се дели на 6 дела. Потоа, на машина за тестенини, се поминуваат топчињата прво на најдебело, и тоа 3 пати со преклопување на тестото, потоа на средно и на крај на најтенко. Најтенката кора кога е ставена на маса, кога ќе дувнете под неа треба да „се бранува“ низ масата. Тогаш знаеме дека тестото е доволно тенко и спремно за подготовка.
Низ тестото на 1 см разлика се става од филот со месо. Јас ставав околу половина лажичка. Потоа тестото се преклопува надолжно и со двете раце се притиска за да се истисне воздухот и да се залепат корите. Ако ви се исуши кората, натопете ја со влажни раце, но не претерувајте со ставање вода.
Од кората се сечат мали коцки или „перничиња“ полни со фил. Големината е по избор, зависно од тоа колку фил сте ставиле. Се оставаат на работна маса да се исушат околу 10тина мин.
Во меѓувреме се става касерола со вода околу 2 литри, во која има 1 лажичка сол и 1 лажичка маслиново масло. Кога ќе зоврие водата, се ставаат равиолите да се варат. Се варат 3 мин одкако ќе се појават на површината на водата.
*На почетокот кога ќе ги ставите пропаѓаат доле, потребно е да го мерите времето одкако ќе пливнат на површина.
*Не ставајте повеќе од 10-13 равиоли, бидејќи ладното тесто ја лади водата и потребно е да имаат простор меѓу себе за да се сварат. Поделете ги на 6-7 дела по 12-13 равиоли и варете ги дел по дел.

Во тава за пржење, се става околу 50 мл масло да се загрее. Кога убаво ќе се загрее, се додава презлата и ориганото и сето тоа се запржува. Ако има потреба додадете дополнително масло, за целата презла впие масло и биде крцкава. Пропржете ги околу 3-4 мин, додека да зарумени презлата.

Подготвените равиоли се ставаат во чинии. Одозгора се наросува 2 лажици крцкава презла, а над неа се ренда пармезан или кашкавал по избор.

Равиолите најдобро идат со убаво бело винце.

Се надевам дека ќе успеете да ги подготвите. Треба повеќе време и труд, но вкусот е незаменлив и прекрасен.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови