Германски Карневалски Крофни
За време на карневалот во Германија, освен што има шарени костими и маски, забавна атмосфера и величествени паради, за тој период најпрепознатливи се и овие карневалски крофни, кои најчесто се подготвуваат со полнење од џем и посипани со шеќер во прав (но има и многу други варијации на полнење, чоколадирани и сл). Овој период се слави со забава и разновидна храна, непосредно пред почетокот на постот.
Подготовка
1. Во подлабок сад (каде ќе месиме) го ставаме прво млекото, па го додаваме квасецот, мешаме да се раствори. Сега го додаваме растопениот путер, жолчките (мешаме со рачна маталка). Ги додаваме шеќерот, ванилата, румот, солта и добро соединуваме.
2. Брашното (просеано) се додава постепено и замесуваме глатко тесто во робот миксер (доколку имате), а ако немате тогаш се домесува тестото на набрашнета работна маса (месиме подолго време (5-10мин). Тестото го покриваме и го оставаме да одмори 30 минути, па го премесуваме на набрашнета работна маса. Пак го покриваме и го оставаме да го дуплира волуменот.
3. Сега стасаното тесто (на малку набрашнета маса) го премесуваме, го мериме, и од него правиме со рацете топчиња, секое со тежина од 50 гр. Сите формирани топчиња ги редиме врз набрашнет чаршаф или набрашнета работна маса, нежно ги притискаме одозгора и ги покриваме со крпа. Нека стасаат на топло место (околу 20-30 минути, зависно колку е топла просторијата).
4. Сега започнуваме со подготовката за пржење на крофните. Во подлабоко тенџере ставаме масло во доволна количина, за да пливаат крофните (да не допираат на дното). Се загрева маслото на умерено топла температура, никако на јака температура, а најдобро е ако имате инструмент за мерење и на тој начин да знаете кога е идеалната температура постигната (160-170 степени).
5. Крофните ги зимаме нежно и ги ставаме во загреаното масло да се пржат (долната страна сега ја вртиме да биде одозгоре) покриваме со капак и пржиме околу 2-3 минути, па превртуваме од другата страна и се пржат додека да ја добијат потребната боја. Крофните ги вадиме во сад врз хартиена салфета. Нека оладат малку, па од страните со помош на шприц ги полниме со џем (или по ваш избор). Одозгора наросуваме шеќер во прав.
ЗАБЕЛЕШКА - За овие крофни да бидат успешни, мора да ги следите наведените чекори, во спротивно можно е да не се испржат доволно и да ви останат делумно неиспржени, па затоа според мене доколку немате уред за мерење на температурата (што е најважен услов за нивната успешност) мој совет е да ги направите на класичен начин, со расукување на кора, и сечење на кругчиња со модла или чаша.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани