Гвакамоле
Гвакамоле е намаз од авокадо и изворно потекнува од Мексико. Значи ‘авокадо сос’, а буквално тоа и претставува. Традиционално се подготвува со авокадо, домат и кромид, а може да се прават и различни варијации. Во поголем сад се става зрелото излупено авокадо, претходно исчистено од семката. Се додава лимонов или сок од лајм, а потоа авокадото се гмечи да се добие пире маса. Во масата се додава претходно излупен домат исецкан на ситни коцкички. А потоа и кромидот и лукот излупен и исецкан ситно на коцкички. Се додава ситно секан магданос, потоа сол, мелен кориандер, мелен бибер, ким, по желба копар, босилек или друг зачин кој го користите и сето тоа добро се меша. Доколку сакате луто може да се додаде и ситно сецкано чили пиперче или лута пиперка. Варијациите може да се прават со краставица или друг сезонски зеленчук. Се остава малку да отстои, а потоа може да се консумира. Остатокот од Гвакамолто се чува во фрижидер. Главниот трик во подготвувањето на рецептот е во авокадото кое мора да биде сосема зрело и меко. Зрелоста ќе ја проверите со нежно притискање на плодот. Доколку купите тврдо авокадо оставете го на собна температура неколку дена целосно да омекне. Одличен оброк за време на пост затоа што авокадото е доста масен и свеж плод. Може да се консумира со готов тортиља чипс (доритос) или топол леб од фурна.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови