Бунар (Водени) кифли со мармалад
Овојпат решив да ви презентирам еден многу постар рецепт, за кифлички, од тесто кое расте полека, на ладно. Имајќи предвид дека порано немало фрижидери, тогаш домаќинките тестото го ставале во кофа со ладна вода и го спуштале во длабочината на ладниот бунар. За вкусот можам само да ви кажам дека се фантастични, и кога се топли и кога се ладни, едноставно се топат во уста, ова е според мене рецепт за кој вреди секоја потрошена минута во кујната.
Подготовка
1. Најпрво во еден длабок сад го ставаме квасецот, шеќерот, 1 г.л. брашно и млекото. Мешаме да се соединат убаво состојките и оставаме 10-на минути да се активира квасецот.
2. Потоа ја додаваме свинската маст, миксираме да се соединат убаво состојките. На крај ги додаваме ванилата, брашното и солта. Замесуваме меко, нелепливо тесто.
3. Добиеното тесто го ставаме во некоја крпа, замоткуваме убаво и заврзуваме со стега, ластиче, конец или нешто слично. Завитканото тесто го ставаме во длабок сад полн до средина со многу ладна вода. Покриваме одозгора со некоја чинија, и така се остава во ладна просторија барем 2,5 до3 часа.
4. После изминувањето на тоа време, го вадиме тестото од садот и од крпата, на малку набрашнета работна маса го формираме во топка која ја делиме на 2 дела. Од секој дел на набрашнета работна маса (набрашнуваме и врз тестото) расукуваме округла кора (јас со дијаметар од 40 цм). Сечеме на 16 делови, за 16 кифлички. На секој дел ставаме по пола лажиче мармалад и формираме кифлички, кои ги редиме во плех врз хартија за печење. Ги покриваме и ги оставаме на топло 40-на минути да стасаат. Постапката е иста и со другата половина од тестото.
5. Стасаните кифлички ги печеме во загреана рерна на 200 степени до благо заруменување (јас печев околу 25 минути).
6. Испечените кифлички топли ги увалуваме во шеќер во прав.
Забелешка - Досега јас овие кифлички секогаш ги правам на овој начин во сад со ладна вода, иако имам слушнато дека наместо да се ставаат во сад со ладна вода, може да се стави тестото во ќесе и да се остави во фрижидер неколку часа, а може и цела вечер.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Tamu stoese, se zema sneg vo edna vanglicka, vrz nego se stava testoto koe e zavitkano vo kese, i taka stoi vo ladna prostorija, se dodeka snegot ne se stopi..
Znam deka se krevki
Јас првпат слушам за тој начин со снег, интересно во секој случај :)
Инаку, прекревки се, останаа 2-3 само, наредниот ден беа уште повкусни.